Само два дена по почетокот на грејната сезона, во една зграда во Аеродром температурата во становите достигна 27 степени, а станарите масовно ги отворија прозорците. Од клупата пред влезот изброив 41 отворен прозорец од вкупно 48, а на седум од нив имаше и човек по маица.
„Не можам да го намалам, вентилот е заглавен уште од 2009 година. Затоа го регулирам со прозорецот, како што правеше и мајка ми“, објаснува Методија (61) од четвртиот кат, кој во дневната соба седи по маица, а на балконот суши алишта за пет минути.
Ефектот се чувствува и надвор. Температурата на паркингот пред зградата е три степени повисока од онаа на соседниот, а мачките од целата населба се преселија под прозорците на првиот кат. Еден возач изјави дека утрово воопшто не морал да го струже мразот од шофершајбната.
Станарите од спротивната зграда, чии радијатори се едвај млаки, испратија допис со барање прозорците на соседите да се отвораат подеднакво на двете страни, за да има правда. Куќниот совет одговори дека е подготвен за соработка: од понеделник прозорците ќе се отвораат кон нив, но само по ручек.