На вонредна седница на советот на Народната банка беше констатирано дека во последните десет години количеството петки во оптек се зголемило за 340 отсто, додека знаењето останало на исто ниво. „Кога има повеќе петки отколку ученици, тоа е класична инфлација. Во едно училиште во Карпош имаше 31 петка на 28 ученици, што е математички тешко, освен ако не е по математика“, изјави гувернерот.
Првата мерка е воведување референтна оценка, која ќе се објавува секој месец. Наставниците нема да смеат да печатат нови петки без покритие во тестови, а секоја петка ќе мора да има сериски број и воден жиг.
Економистите предупредуваат дека мерките може да предизвикаат паника кај родителите, кои веќе почнале да ги чуваат петките во странство, кај роднини во Германија. Се зборува и за црн пазар на одлични оценки, каде што една петка по историја се менува за две четворки по физичко и една услуга во Вајбер-групата.
Народната банка истакна дека тројката останува стабилна валута и ги повика граѓаните да не се плашат од неа. „Тројката е како денарот. Не е многу, ама е наша“, се вели во соопштението.