По стотиците телефонски повици од граѓани чии радијатори се ладни и по три дена од почетокот на грејната сезона, топланата вчера во 14:30 часот издаде официјално соопштение. Во него, на две страници и со една скица, се објаснува дека проблемот не е во греењето, туку во начинот на кој граѓаните го проверуваат.
„Голем дел од корисниците го допираат радијаторот со врвот на прстите, нервозно и со очекување. Радијаторот го чувствува тоа и се повлекува“, се вели во соопштението. Наместо тоа, топланата препорачува радијаторот да се допира со цела дланка, под агол од 45 степени, по можност наутро и со позитивни мисли.
Кон соопштението е приложено и упатство во пет чекори, од кои последниот гласи: „Доколку радијаторот и понатаму е ладен, проверете дали навистина сте го допреле“. Граѓаните што и по тоа имаат проблем можат да закажат термин, во кој вработен од топланата ќе дојде и ќе го допре радијаторот наместо нив.
„Дојде човекот, го допре, рече дека сега е топол и си отиде. Го допрев веднаш по него и пак беше ладен“, раскажува Летка (57) од Влае. Од топланата одговорија дека тоа е сосема нормално, бидејќи нивниот вработен има долгогодишно искуство, и ја советуваа Летка да вежба секој ден по десет минути.