По бројните поплаки од граѓаните дека се стемнува пред да завршат со работа, Владата формираше меѓуресорска работна група за проблемот со раното зајдисонце. Во неа има претставници од три министерства, еден астроном и еден вработен кој единствен знае каде е прекинувачот за светлото во салата.
Првиот состанок се одржа во 17:00 часот. Вработениот со прекинувачот задоцни, па групата заседаваше во мрак цели 40 минути. „Беше многу продуктивно. Никој не ги гледаше слајдовите, па дискутиравме слободно“, вели нашиот извор, кој побара да остане анонимен, што во тие услови не беше тешко.
На состанокот се разгледуваа три предлози: сонцето со уредба да зајдува најрано во 18:00 часот, ноември да се прогласи за јуни „на пробен период“ и сите административни работи да се завршуваат до 14:00 часот. Третиот предлог беше отфрлен како нереален, бидејќи и онака се завршуваат до 13:30.
Астрономот објасни дека сонцето е надвор од надлежноста на кое било министерство. Работната група го прифати мислењето и формираше подгрупа која ќе испита дали тоа може да се смени со измени на законот. Следниот состанок е закажан за 16:30 часот, за да се фати уште малку светло.