Предизборната кампања во Неготино доби нова димензија откако штабот на еден од кандидатите за градоначалник во текот на ноќта залепи околу 4.000 плакати во центарот на градот. Наутро вработените во општината не можеа да ја најдат влезната врата.
„Знам дека зградата беше тука. Имаше скали и саксија“, вели референтката Билјана (44), која пипајќи стигнала до шалтерот, но и шалтерот бил облепен со лицето на кандидатот, па не била сигурна дали таа е на работа или тој.
Од штабот велат дека плакатите се залепени „само на дозволени места“, а дозволено место, според нивното толкување, е секоја површина што не мрда. Двајца граѓани што стоеле на автобуската постојка подолго од десет минути исто така биле облепени, но плакатите им ги вратиле.
Противкандидатот реагираше остро и најави дека ќе одговори со двојно поголеми плакати, кои ќе ги лепи врз плакатите на противникот. Градежни инженери предупредуваат дека по уште два слоја зградата на општината ќе мора да добие нов катастарски број.
Комуналната инспекција најави контрола штом ќе биде пронајдена нејзината канцеларија.