Скопскиот стартап „Слоеви“ минатата недела објави дека затворил втор круг финансирање од 1,2 милиони евра. Компанијата, основана пред две години во Капиштец, вели дека нејзината мисија е „да го редефинира односот меѓу човекот и бурекот“.
„Ние не продаваме бурек. Ние продаваме искуство на бурек“, објасни основачот Филип (30) на презентацијата, додека зад него се вртеше слајд со зборот „дисрупција“. По неколку прашања од новинарите, се утврди дека искуството е бурек со месо, во кутија, со јогурт.
Иновацијата, според тимот, е во моделот на претплата. За месечна членарина корисникот добива бурек секое утро, известување на телефонот кога бурекот тргнал и можност да го оцени по пет критериуми, меѓу кои „хрскавост на рабовите“ и „емоционален впечаток“.
Бурекџијата Методија (66), чија бурекџилница е на 30 метри од канцеларијата на стартапот, вели дека ја следи нивната работа со интерес. „Јас истото го правам 40 години, ама никој не ми дал милион. Мислам дека грешката ми е што не го викав платформа.“
Инвеститорите се оптимисти. Следната фаза предвидува ширење на пазарот во Битола и Струмица и развој на сопствен јогурт, кој, според деловниот план, ќе биде „јогурт како услуга“.